EVN Македонија и општина Тетово во заеднички проект за реконструкција на електроенергетската мрежа
Реконструкција на електроенергетската мрежа во центарот на Тетово е заеднички проект на EVN Македонија и општинските власти за модернизација на мрежата и подобрување на снабдувањето со електрична енергија. Со овој проект нисконапонската воздушна мрежа на улиците во најстрогиот дел од центарот на Тетово, се реконструира во подземна со зголемен кабловски капацитет.
Со ова заедничко вложување на општината и EVN Македонија се елиминираат сите атмосферски влијанија и критични точки при снабдувањето, а истовреемено подземната електроенергетска мрежа се усогласува со тековната реконструкција на улиците во градот Тетово. Такви проекти се предвидени и во други делови од градот Тетово, за што EVN Македонија не ја исклучува можноста и за понатамошна соработка со општината.
Инаку проблемите кои во годините наназад се јавуваа со снабдувањето со електрична енергија во Полошкиот регион се веќе минато. Тетово и Долни Полог на крајот на минатата година добија нова 110 кВ трафостаница со која се обезбеди квалитетно напојување за потрошувачите од општините Теарце, Јегуновце, Желино и дел од Тетово.
|