Стипендии

 

За програмите за стипендирање

ЕВН Македонија веќе 10 години доделува стипендии за студентите и студентките од енергетските насоки на електротехничките факултети. ЕВН беше првата енергетска компанија што започна со доделување на стипендии на студенти од ФЕИТ и УКЛО пред повеќе од 10 години. Досега се доделени над 50 стипендии, и дел од стипендистите веќе ја развиваат својата професионална кариера во ЕВН. Со овие активности интересот за наставните насоки кои се поддржани од ЕВН од година во година е сѐ поголем, а со тоа и бројот на стручни кадри кои се иднината на развојот на енергетиката во земјава.

Исто така, како дополнителен ангажман, по отворањето на Изложбениот центар „Матка“, дел од стипендистите се вклучени и во водењето на едукативните посети во музејот.

При доделувањето на стипендии се овозможуваат еднакви можности и правичен третман на сите, без оглед на нивниот пол, религија, национална припадност, раса, вид на попреченост или политичка припадност.

Програма за стипендирање на студенти од електротехничка струка

Целта на програмата е да се мотивираат младите да го продолжат своето образование во енергетскиот сектор, а воедно и да се развие човечкиот капитал и неговиот квалитет во оваа област. Потенцијални приматели на стипендијата се талентирани студенти и студентки што успешно ја започнуваат студиската година на факултетите каде што постои електроенергетска наставна насока и ги исполнуваат поставените критериуми.

Критериуми за аплицирање:
- студенти или студентки на техничките факултети
- запишани во било која студиска година, влучително и прва година
- успешно полагање на испитите од актуелната студиската година
- просек

ЛОСТ програма

Програмата за стипендии „ЛОСТ“ е наменета за студентки и студенти со ниски семејни месечни примања запишани на електротехничките факултети и факултети за информациски науки во земјава. Преку оваа програма ЕВН одвојува по 10.000 денари месечно за секој од учесниците и овозможува учење преку работа, менторска поддршка, како и личен и професионален развој.

Критериуми за аплицирање:
- студенти од електротехничките факултети кои во учебната 2026/2027, зимски семестар, се запишале по прв пат во I, II, III и IV година,
- студентите да се од семејство со ниски месечни приходи (вкупниот годишен бруто приход на потесното семејство - двајцата родители/старатели и кандидатот/кандидатката) не смее да надминува 864.888,00 денари.

Аплицирањето е во тек! Кликнете тука за повеќе информации.
Сите заинтересирани своите прашања и апликации можат да ги испратат електронски на [email protected].

Повеќе информации за начинот на обработка на личните податоци и остварување на Вашите права за заштита на лични податоци можете да добиете во Политиката на приватност при аплицирање за стипендија.

СОС ЛОСТ програма

Програмата за стипендии „СОС ЛОСТ“ е наменета за студенти и ученици во социјален ризик. Преку оваа програма ЕВН доделува 10 (десет) стипендии од кои 5 (пет) за ученици во висина од 4.000,00 денари месечно и 5 (пет) за студенти во висина од 10.000 денари месечно.

Критериуми за аплицирање:
- ученици запишани во во I, II, III и IV година во средно образование,
- студенти на факултет кои во учебната 2026/2027, зимски семестар, се запишале во I, II, III и IV година,
- членови на семејство корисник на гарантирана минимална помош согласно Законот за социјална заштита,
- лице кое е сместено или живее во институција за социјална заштита, мал групен дом, згрижувачко семејство, или друга установа, врз основа на решение на центарот за социјална работа,
- лице кое до 18 годишна возраст било сместено или живеело во институција за социјална заштита, мал групен дом, згрижувачко семејство, или друга установа, врз основа на решение на центарот за социјална работа.

Аплицирањето е во тек! Кликнете тука за повеќе информации.
Сите заинтересирани своите прашања и апликации можат да ги испратат електронски на [email protected].

Повеќе информации за начинот на обработка на личните податоци и остварување на Вашите права за заштита на лични податоци можете да добиете во Политиката на приватност при аплицирање за стипендија.

Сведоштва од стипендисти од ЛОСТ и СОС Лост програмите

Стипендијата лично многу ми помогна и ми го олесни студентскиот живот. Со тие средства имав можност многу подобро да напредувам како студент на ФИНКИ. Тестирав различни ВИ модели и програмирав со нив, купував курсеви и печатев книги. Исто така многу сум задоволен и од колегите коишто ги запознав во текот на мојата летна пракса. Сите беа фини и научив доста многу за екосистемот и работењето во големите фирми како ЕВН.
Тодор, студент, стипендист

Благодарна сум за можноста да бидам стипендист во рамки на ЕВН во изминатата година. Стипендијата значително ми го олесни образованието и ми даде дополнителна мотивација да продолжам да се развивам. Во текот на праксата имав можност да запознаам инспиративни луѓе и да бидам дел од позитивна и поддржувачка работна средина. Ова искуство ми помогна да стекнам нови знаења, вредни познанства и уште поголема самодоверба за моите идни професионални чекори.
Тамара, студентка, стипендистка

Во моментот ја завршив втората година на Електротехничкиот факултет, а стипендијата ја добив уште од првата година на студии. Месечната финансиска поддршка од 10.000 денари значително ми помогна да се посветам на студиите и полесно да ги покривам трошоците поврзани со образованието. Дополнително, условите за продолжување на стипендијата ме мотивираа да бидам редовен и успешен студент, да положам најмалку 70% од предвидените предмети и да стекнам практично искуство преку едномесечна пракса во ЕВН.
Бојан, студент, стипендист

Стипендијата ЛОСТ значеше многу повеќе од финансиска поддршка. Како студент кој доаѓа од друго место имав доста дополнителни трошоци (сместување, превоз, храна и останати обврски што ги носи студентскиот живот), а благодарение на стипендијата се чувствував финансиски посигурен и можев целосно да се посветам на студиите. Исто така ми беше и голема мотивација да учам, да постигнувам подобри резултати и да работам на својот личен и професионален развој.
Анонимно, студент, стипендист

Благодарение на поддршката од ЕВН, успеав полесно да ги покријам трошоците поврзани со студирањето, да набавам стручна литература и материјали потребни за наставата, како и да ги реализирам студентските проекти што беа дел од мојата студиска програма. Тоа ми овозможи целосно да се посветам на студиите и значително придонесе за мојот академски напредок - вистинска поддршка во еден важен период од моето образование.
Ива, студентка, стипендистка

Стипендијата од ЕВН имаше огромно значење за мене и ми помогна успешно да го завршам моето четиригодишно средно образование. По завршувањето на третата година се стекнав со диплома за референт за продажба, а благодарение на оваа поддршка можев да го продолжам образованието и да се запишам во четврта година во истото училиште. Оваа поддршка не ми помогна само во образованието, туку и ми даде сигурност и можност полесно да се справам со секојдневните предизвици поврзани со моето здравје.
Азем, средношколец, стипендист

Добивањето на стипендијата LOST имаше значително влијание врз мојот академски и личен развој. Покрај финансиската поддршка, оваа стипендија ми даде чувство дека мојата работа, посветеност и труд се препознаени и ценети. Тоа претставуваше голем поттик да продолжам со моите студии со уште поголема мотивација, одговорност и самодоверба. Поддршката што ја добив ми овозможи повеќе да се посветам на мојот професионален развој и на остварувањето на моите цели, без толку многу да се грижам за финансиските предизвици со кои честопати се соочуваат студентите. За мене, оваа стипендија не беше само материјална помош, туку инвестиција во мојот потенцијал и доказ дека постојат луѓе и организации кои веруваат во младите и ги поддржуваат на нивниот пат кон успехот. Искрено сум благодарен за оваа можност и за сè што програмата LOST го прави за студентите. Верувам дека инвестирањето во образованието е една од највредните инвестиции за едно општество, а вашата програма е одличен пример за тоа како ваквата поддршка може позитивно да влијае врз животот и иднината на многу млади луѓе.
Анонимно, студент, стипендист

Стипендијата која ја добив од ЕВН многу ми помогна во успешно завршување на втора година средно образование. Моите дедо и баба згрижувачи кои се грижат за мене од мала се повозрасни луѓе со хронични болести, кои со потешкотија работат сезонска работа со цел да ме школуваат и да ми овозможат подобар живот. Живеам далеку од моето училиште и стипендијата ми помогна да користам превоз и да сум редовен ученик, да почесто се дружам со моите школски другари и тоа ме мотивираше повеќе да учам. Оваа година имам подобар успех од минатата учебна година.
Ѓулфидан, средношколка, стипендист